Домувањето во Mакедонија регулирано со закон

Современиот начин на живеење, а во поглед на вкупните транзициони процеси што се одвиваат во државата, како во другите сфери, така и во областа на домувањето предизвикаа низа промени кои се во корелација со модерното време. Како што е наведено во Стратегија за домување на Република Македонија (2007 - 2012), преминот кон пазарна економија наметна поинаков ситем на вреднување, така што станот не е веќе само социјална категорија, туку, пред сè, пазарна, што не значи дека Република Македонија, која уставно се дефинира како социјална држава нема да води грижа за своите граѓани. Уставната определба, мора да се оствари преку усогласување во законодавството и институциите на домување, воедно продолжувајќи со процесот на приватизација на станбениот фонд со воспоставување носител на сопственоста.

Овие процеси претпоставуваат нова правна и институционална рамка за уредување на сопственичките права и односи во домувањето, базирано на принципите на пазарното стопанство, како и воспоставување на економски критериуми во управувањето и одржувањето на станбениот фонд. Комлексноста на овој процес ја наложува потребата од реформи во системот особено во делот на станбеното финансирање и донесување на мерки за поттикнување на станбена изградба, како и насочување на пазарот со станови кон поквалитетно и поекономично градење. Промените во законската регулатива во оваа област започнуваат од 1998 година, со донесување на Законот за домување, кој заради динамичните промени во оваа област претрпе и неколку измени.

Врз основа на член 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија и Претседателот на Собранието на Република Македонија го издадоа указот за прогласување на Законот за домување, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 29 јули 2009 година. Со тоа престана да важи Законот за домување од 1998 година. Новиот закон пак, подоцна претрпе извесен број изменувања и дополнувања и тоа во 2010, 2011, 2012 и 2013 година.

Со Законот за домување, се уредуваат видовите на објекти во домувањето, управувањето со станбените згради, односите меѓу сопствениците на посебните делови и трети лица, заедницата на сопствениците, евиденцијата на становите, закупничките односи во домувањето, начинот на управување и одржување на објектите, правата и обврските на Републиката, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во домувањето, инспекцискиот и управниот надзор и други прашања од областа на домувањето.

Овој закон е посебно важен за граѓаните, затоа што прецизно го регулира начинот на управување на станбените згради и воспоставува права и обврски за сопствениците на посебните делови; односите помеѓу сопствениците во една станбена зграда, како и сопствениците и трети лица; ги утврдува правата и обврските на Заедницата на сопственици; ги утврдува правата и обврските на лиценцираните Управители на згради и предвидува санкции за непочитување на законските одредби.

Но, експертите имаат детектирано и низа потешкотии при спроведување на Законот, како на пример: Обезбедување на потребното мнозинство од сопствениците на посебните делови; Прецизирање на инвестиционо одржување; Прецизирање на намената на фондовите за одржување; Склучување договори за заемни односи; Заедници на сопственици формирани за секој влез одделно; Транзиција на управување; Поделба на трошоците на управувањето; Функционирање на инспекциски служби; Концентрација на лиценцираните управители; Информираност на Заедниците на сопственици; Задолжување на Заедниците на сопственици или Управители на станбени згради.

Очекувањата на Регулаторната комисија се дека нерегуларностите поради кои граѓаните имаа низа проблеми во изминатиот период ќе се решат со примената на последните измени во Законот за домување, вметнати во консолидираниот текст објавен на веб страната на РКД, а со кои се допрецизирани надлежностите на управителите и заедниците и условите за издавање лиценци.

За domuvanje.org.mk
Пред вас се наоѓа веб страница посветена на домувањето во станбени згради. Веб страницата за домување најпрво започна како Ресурсен центар, оформен како дел од проектот на УСАИД и Хабитат Македонија „Енергетска ефикасност во секторот домување“…
повеќе
Партнери