Партнерства и активности за воспоставувањето на Регистар на станбени згради и управители

Здружението за хумано домување - Хабитат Македонија, во февруари 2016 година продолжи со интензивните активности во создавањето партнерства за воспоставување на Регистар на станбени згради и станови, како и на Регистар на управители на станбени згради за секторот домување во Македонија. Проектот кој го спроведува Хабитат Македонија, претставува иницијатива за подигнување на јавната свест за квалитетно домување во колективни станбени згради, како и за значењето на енергетската ефикасност и управувањето со колективните станбени згради во Република Македонија. Сепак, покрај иницијативата, постои и законска обврска за водење Регистар на станбени згради во општините, која постои со донесувањето на Законот за домување од 2009 година.

Активностите на Хабитат Македонија вклучуваат собирање на податоци според обврските од Законот за домување и податоци за основните градежни и енергетски карактеристики на зградите. Хабитат Македонија, во тек на 2015 година, соработуваше со три општини и сега продолжува со реализацијата на овој проект во општините низ цела Македонија.



Click

На почетокот на годината, беше потпишан меморандум со општината Велес, со која секако, ќе се соработува во врска со воспоставувањето на Регистарот на станбени згради и Регистарот на управители на станбени згради, но и на полето на енергетската ефикасност за секторот домување.

Следејќи го заедничкиот интерес за воспоставување на неопходните Регистар на станбени згради и Регистар на управители на станбени згради, но и во согласност со член 112, став 2 од Законот за домување, беше потпишан идентичен меморандум и со општината Прилеп.

Click

После општината Аеродром, на почетокот на 2016, уште една скопска општина беше вклучена во овој проект и беше потпишан меморандум за соработка. Така, сега и општината Кисела Вода е вклучена во активностите, преку Секторот за локален економски развој на општината.

Во периодот што следува, преку анкети, ќе биде оформена електронска база на податоци, која ќе биде од големо значење за граѓаните и за општината. Освен системска евиденција на станбените згради и на управителите, ќе се соберат и податоци за градежните и енергетските карактеристики на станбените згради.

На овој начин, општините во соработка со Хабитат Македонија, заеднички ќе овозможат подобрување на квалитетот на домување и управувањето со станбените згради, како и подобрување на енергетската ефикасност. Регистарот пак како законска обврска, ќе содржи информации за основните градежни и енергетски карактеристики на станбените згради, за состојбата на зградата, фасадата, покривот, потоа податоци за градежниот материјал кој е искористен, дали се преземени мерки за енергетска ефикасност, кој управува со станбената зграда и слично.


Извор: www.habitat.org.mk




За domuvanje.org.mk
Пред вас се наоѓа веб страница посветена на домувањето во станбени згради. Веб страницата за домување најпрво започна како Ресурсен центар, оформен како дел од проектот на УСАИД и Хабитат Македонија „Енергетска ефикасност во секторот домување“…
повеќе
Партнери