Лифтовите, луксуз, или неопходност?

Човекот од секогаш се стремел да си го олесни живеењето, пред сѐ во однос на транспортот тој користел различни можности. Во почетокот употребата на лифтовите се сведувала на воени потреби, а првите лифтови со понова технологија се појавуваат во 18 век во Москва. На почетокот за функционирање на овие направи се користела силата на луѓето и животните, потоа хидрауликата, а дури во 1880 година прв пат е употребен електричен мотор. Во Скопје, првиот електричен лифт датира уште од 1929 година и се наоѓал во палатата на аптекарот Владислав Ристиќ позната како Ристиќева палата, на сегашниот градски плоштад „Македонија“. Сега се наоѓа во музејот на град Скопје, како најстар лифт во Македонија.

Денес, во ерата на високите згради, облакодери и многу високи градби, искачувањето на погорните катови е незамисливо без лифт. Но, оваа „алатка“ неопходна за секојдневниот живот и функционирање на современиот човек, задолжително мора да биде одржувана и постојано во добра кондиција и исправна состојба. Правилата за колективно домување велат дека доколку во станбената зграда има лифт, тој треба задолжително да биде исправен за употреба и мора на видно место да биде истакнато упатството за негова употреба.

Но каква е всушност состојбата на лифтовите во Македонија?

Во јануари 2015 година, Групацијата за домување со станбен и деловен простор при Стопанската комора на Македонија побара да не се префрла одговорноста за техничката неисправност на лифтовите во станбените згради врз лиценцираните управители за домување бидејќи тие не се нивни сопственици. Според нивните податоци, преку 80 проценти од лифтовите во земјава се водат како технички неисправни оти стандардите што од овој аспект треба да ги исполнат, се премногу строги. Сепак, овие лифтови се сѐ уште во функција и станарите ги користат.

Во Законот за техничка инспекција стои дека управителите се корисници на лифтовите, а според Законот за домување, сопственици се станарите. Само пет компании во Македонија прават технички контроли на лифтовите кои се спроведуваат еднаш годишно, додека за редовното, месечно сервисирање, кое нема никаква врска со годишните контроли, се регистрирани над 20 фирми.

Ако се утврди дека лифтот е оштетен и неисправен за употреба, Управителот, односно претседателот на Заедницата на сопственици го исклучува од употреба и на видно место на лифтот истакнува известување дека лифтот не работи и не може да се употребува. Управителот односно претседателот на заедницата на сопственици треба да ја извести овластената фирма за одржување на лифтот заради негова поправка, согласно договорот за заемни односи. Клучевите од лифт-куќичката треба да ги има управителот односно претседателот на заедницата на сопственици на станбената зграда.

Според „Дака“, една од фирмите која се занимава со вградување и одржување на лифтови, а која ја консултиравме во однос на исправноста на лифтовите, моменталната состојба на лифтовите во нашата држава, според сознанијата од долгогодишното работење како сервисери кои се постојано на терен, а се однесуваат на безбедноста и сигурноста (посебно на стари и амортизирани лифтови) е премногу загрижувачка.

Слично мислење ни даде и Горан Николовски, од Инспекциското тело за спроведување на технички преглед на лифтови, кој појасни дека состојбата на лифтовите во Македонија во однос на употребливост и исправност зависи од повеќе параметри како што се:

  • староста на лифтот,
  • квалитетот на вградените компоненти,
  • монтажата на лифтот,
  • квалитетот на редовниот сервис и одржување.

Според него, лифтовите кои се главно со понова година на производство, после 2010 година, генерално ги исполнуваат сите потребни услови и генерално се подобни за употреба. Сепак и кај дел од овие лифтови постојат проблеми кои произлегуваат од претходно наведените параметри. Лифтовите кои што се од реномирани производители, кај кои сите компоненти пристигнуваат заедно, а воедно се и добро монтирани, немаат поголеми проблеми во експлоатацијата. Од друга страна, лифтовите кои што се склопуваат со компоненти од различни производители, поверојатно е да пројават проблеми во текот на експлоатацијата. Ова генерално се должи на лошиот избор на компоненти во текот на проектирањето на лифтот, некомпатибилноста на самите компоненти помеѓу себе, а делумно и на квалитетот на компонентите кои се вградуваат.

Сепак, тој смета дека во врска со состојбата на лифтовите не може да се генерализира, поради тоа што помеѓу секој лифт постојат суштински разлики кои влијаат на неговата подобност за експлоатација.

Во однос на состојбата со машините, односно колку стари лифтови користиме, Николовски потенцира дека според нивното искуство, најголемиот број на лифтовите со кои што работеле се монтирани во периодот после 2007 година. Сепак, има лифтови кои се монтирани и во периодите 1980 - 1990, 1991 - 2007. Но, точна статистика не се води и не може да се каже точна бројка. Но според него, лифтови на кои им е потребен „итен” ремонт се лифтовите произведени пред 1990 година, поради тоа што дел од нив не ги исполнуваат условите и барањата на Правилникот за користење на лифтови и транспортери како што се: врати на кабината, дел од лифтовите немаат одбојници под кабината, од 01.01.2018 година ќе биде потребно да имаат уред кој спречува неконтролирано движење на кабината нагоре, уред против преоптоварување, уред за двонасочна комуникација, заштитна ограда околу патеката на движење на противтегот, индикатор за кат во кабината, аларм и панично светло.

Дали сте ја провериле состојбата на лифтот во Вашата зграда? Кога последен пат сте го сториле тоа? Во следното продолжение, ќе споделиме повеќе информации за начините на кои можете да ја зголемите сигурноста на лифтот или лифтовите во Вашите згради.

За domuvanje.org.mk
Пред вас се наоѓа веб страница посветена на домувањето во станбени згради. Веб страницата за домување најпрво започна како Ресурсен центар, оформен како дел од проектот на УСАИД и Хабитат Македонија „Енергетска ефикасност во секторот домување“…
повеќе
Партнери