Реконструкција на лифт

Сложни браќа - лифт прават!

Една од висококатниците на улица Бојмија, во скопски Аеродром, која е вселена далечната 1989 година, може да послужи како пример за континуираното решавање на проблемите со кои се соочуваат станарите, односно пример за тоа како треба да се дели соживотот, да се работи на заедничката благосостојба и унапредување на заедничките услови за домување. И самиот влез во зградата нуди слика каква што ја имаат малку згради во Скопје. Средена, чиста, домаќинска. Иако симболично може да се каже дека зградата е во одлична состојба, сепак, со тек на времето станарите се соочуваат со помали и поголеми проблеми. Еден од тие наизглед нерешливи проблеми бил и постојаното откажување на лифтот, кој пак поради високата катност на оваа зграда е повеќе од неопходен.

Затоа, тргнувајќи од помислата дека е подобро проблемите да се спречат, отколку потоа да се лекува, станарите во повеќекатницата во која има 60 станови решиле самите да ги надминат потешкотиите со стариот лифт. Свесни дека состојбата со лифтот само ќе се влошува, станарите донеле одлука заеднички да го санираат проблемот и за себе си и за најблиските, но и за посетителите да обезбедат сигурност пред сѐ. Сепак, неколку станари не биле во можност финансиски да одговорат на предизвикот. Но, кога има слога и тоа бргу се решава. Претседателката на Куќниот совет, млада агилна жена, Светлана Стоиловска Попоска, заедно со најзаинтересираните од зградата нашле решение и за тоа. Се работело за значајна сума од околу 20 илјади евра за реновирање на еден голем и еден помал лифт, која сите 60 сопственици на станови требало да ја поделат меѓу себе. Оние што имале, одвоиле колку што треба, другите биле упатени во „Хабитат Македонија“ за помош. Хабитат обезбедил речиси половина од сумата која била потребна за нов лифт, преку заемот кој им го овозможил на станарите кои немале доволно сопствени средства за да учествуваат во оваа акција на зградата, за која тие знаеле дека им е неопходна и тоа не било доведено во прашање.

Хабитат преку поволни заеми за реконструкција на колективни станбени згради, нуди можност за реновирање на заедничките простории и со тоа унапредување на условите за домување во зградите. Оваа поволност беше вистинскиот одговор за сите станари од зградата на улица Бојмија кои не беа во состојба да учествуваат во заедничкиот потфат. Така, вкупно 23 фамилии зедоа 8.195,00 евра, со што просечен износ на заемот по станар беше 356 евра со рок на отплата од 4 години. Со тоа беше обезбедена финансиската конструкција за реновирање на двата лифта во зградата.

„Ние, неколкумина кои бевме најангажирани во процесот, сами побаравме понуди, за на крај сите заеднички да одлучиме при конечното обезбедување на квалитетниот производ и неговото вградување, па на крај дури сами побаравме и атестирање од страна на надлежни лица“ - сподели претседателката на Куќниот совет, Стоиловска Попоска. „И сѐ беше транспарентно и со учество на сите станари, така што бевме безбедни од дополнителни непредвидени расходи и недоразбирања. Целиот процес заврши релативно бргу, но сепак оставивме простор да оди сѐ според законски пропишаните норми, но и според она што ни беше кажано дека ќе ја подобри нашата сигурност при користење на лифтот во нашата зграда.“

Сега, зградата која е вселена во 1989 година има ново помагало за секојдневниот живот. И лифтот тука не го сметаат за луксуз, туку за нивна секојдневна потреба. Зградата има станари кои се стари луѓе исто така и деца и на сите ним лифтот им е неопходен.

„Но, она што е најбитно во целата приказна е не дека ќе имаме модерен и современ лифт, туку дека ќе имаме лифт кој ќе биде безбеден и сигурен за транспорт до погорните катови од зградата. Сега, станарите без страв ги оставаат децата сами да слезат пред зграда, или да заминат на училиште“ - ја завршува својата приказна Светлана, претседателот на куќниот совет на зградата на Бојмија.


Извор: www.habitat.org.mk


Click Click Click