Ресурсниот центар за енергетска ефикасност во домувањето претставува широка платформа за енергетска ефикасност во кој заинтересираните страни може да најдат совети, информации, студии, објаснувања во врска со енергетската ефикасност во домувањето од аспект на законодавство, надлежности, можности, мерки, финансирање, но и примери за најдобри практики за подобрување на енергетската ефикасност.
Овој ресурсен центар е последователна активност на низата интервенции кои во изминатите десет години Хабитат Македонија ги презема на полето на енергетската ефикасност во домувањето.
Ресурсниот центар претставува алатка која на едно место ги обединува сите потребни и достапни модели за унапредување на енергетската ефикасност и енергетските карактеристики на индивидуалните домови и станбените згради за колективно домување, преку што ќе им помогне на домаќинствата да ја разберат енергетската ефикасност како начин на унапредување на квалитетот на живеење, ќе им понуди мерки за подобрување на енергетската ефикасност во своите домови, со тоа ќе им обезбеди пристојни услови за живеење со намалени трошоци за енергија, поефикасно искористување на енергијата, намалување на влијанието на домот врз емисијата на CO2.
Истовремено ресурсниот центар обезбедува и платформа за креаторите на политики, централните власти и локалната самоуправа, невладините организации и научни институции да најдат преглед и извор на материјали поврзани со енергетската ефикасност во домувањето.
Формирањето на овој Ресурсен центар за енергетска ефикасност во домувањето е дел од Проектот Енергетска ефикасност за семејства со ниски приходи – REELIH во партнерство со USAID.
Во соработка со општините во Македонија, Хабитат Македонија го поддржува отворањето на ресурсни центри за енергетска ефикасност за директна комуникација со граѓаните. Во рамки ма проектот ComAct – Активности за намалување на енергетската сиромаштија во станбени згради, финансиран во рамки на програмата на Европската Комисија Хоризонт 2020, а се спроведува во пет пилот-земји од Централна и Источна Европа на различни начини прилагодени на националниот контекст, во јуни 2022 година отворени се две канцеларии на Ресурсен центар во општините Карпош и Кавадарци во просториите на општините.