Совети и практики

Енергетски ефикасно одржување на хигиена

Загревањето на водата за санитарни потреби е најголем потрошувач на енергија после греењето, добро е да се разгледаат грејачите на вода и нивната ефикасност. Топлата вода во домаќинствата главно се користи за санитарни потреби (машини за перење алишта, миење садови, тушеви) и за греење.

Грејачите на вода можат да бидат:
1. Конвенционални грејачи или бојлери
Загреваат големи количини на вода внатре во еден изолиран резервоар најчесто со помош на електрична енергија, многу поретко со согорување на природен гас или масло за греење. Тие во нив имаат вградено термостат кој автоматски го исклучува грејачот кога ќе ја постигне посакуваната температура.

  • За да се намалат трошоците за енергија кај електричните бојлери препорачливо е да се загрева водата користејќи ја евтината тарифа во периодите предвидени за тоа.
  • Топлата вода од бојлерот треба да се користи рационално. Пожелно е кога еднаш ќе се загрее бојлерот, што повеќе луѓе да ја искористат водата во побрз временски период. Што повеќе се чека, толку бојлерот повеќе се лади и би морало повторно да се вклучува за да се загрева. Со оглед дека бојлерите имаат грејачи со потрошувачка од најмалку 2kW на час, тогаш повеќе од јасно е за колкава заштеда станува збор.
  • Мислењата за тоа дали електричниот бојлер треба да е континуирано вклучен или да биде активиран само во периодот на евтина тарифа се поделени. Се препорачува тестирање на двете опции и прецизно евидентирање на потрошените киловати.
  • При купување на бојлер, треба да се внимава неговиот капацитет да одговара на бројот на членови на едно семејство.
  • Потенциометарот на термо-регулаторот на грејачот на водата треба да се постави на средината, така што ќе се намали можноста за формирање варовник и ќе обезбеди доволно топла вода без истата да зоврие.
  • Котелот треба периодично да се чисти од талогот, бигорот или “каловината“ што често се создава.
  • Ако бојлерот се користи ретко или во одредено време од денот, може да се инсталира прекинувач за време /тајмер/ .
  1. Комбинирани единици
    Тоа се котли кои загреваат вода со голем капацитет за санитарна потреба и за греење. Тие како извор за загревање најчесто користат лесно масло за греење или природен гас, но во последно време новите котли се направени да можат да се користат и на биомаса.

Во последно време често се користат пелетите како гориво. Котлите на пелети се целосно автоматизирани и опремени со специјални бункери за пелети за неколку дневна работа на котелот.

Трошоците за пелети се два пати пониски во однос на лесното масло за греење.

Сите препораки за користење и заштеда на енергија се применливи и за овој тип на бојлери.

  1. Сончеви грејачи /Соларни бојлери/
    Тие ја користат енергијата добиена од сонцето за да ја загреат водата пред да се внесе во конвенционалниот бојлер.

Сончевите грејачи на вода најчесто се користат за домашна употреба. Во зависност од распоредот на опремата, сончевите грејачи можат да се поделат на:
•     директни (отворени, проточни)
•     индиректни (затворени, кружни)

Во зависност од начинот на циркулирање можат да бидат:

  • со природна циркулација (без пумпа-термосифонски или пасивни)
  • со принудна циркулација (со пумпа – активни)

Индиректните постројки кај кои постои опасност од замрзнување на водата можат да бидат со: антифриз како средство за трансфер на енергија или испуштање на водата од сончевите колектори.

Поднебјето во Македонија со многу сончеви денови овозможува ефикасна употреба и значителна заштеда на енергија сметајќи дека освен набавната цена и цената за монтажа, другите трошоци се минимални и овие бојлери овозможуваат заштеда на енергија и до 85% на годишно ниво во споредба со електричните бојлери.

Во станбени згради овие бојлери се соодветни само за станарите во зградите кои живеат на горните – најчесто најгорните катови.

Енергетски ефикасни машини за перење и сушење на алишта

Целта на енергетските класи, кои според Правилникот за означување на енергетската ефикасност на куќните апарати треба да ги имаат сите машини за перење алишта е да се информира купувачот за тоа колку ефикасно се искористува електричната енергија кај одреден уред. За илустрација, машината за перење од класа А троши 8% помалку енергија од онаа со ознака B, додека разликата помеѓу класите B и C изнесува дури 17%. Уредите од А класа трошат и до 45% помалку енергија од истите уреди од D класа.  Затоа, при купувањето на машина за перење информирајте се за класата на енергетската ефикасност на уредот.

 

Машините за перење алишта покрај енергетската ефикасност, имаат и ознаки за ефикасност на перење (потрошувачка на вода), како и ознака за ефикасност на сушење (центрифугирање), како на пр. ААА, АBB итн. Слично е и кај машините за миење садови, каде првата буква ја означува енергетската ефикасност, втората ефикасноста на миење, а третата ефикасноста на сушење.

За оптимални резултати и заштеда на енергија, треба да се почитува упатството на производителот во однос на количините на алишта и користењето на соодветна програма.

Заштедата на енергија на поновите енергетски ефикасни модели може да се движи до 50% во однос на постарите некатегоризирани и енергетски неефикасни модели.

  • Машината за перење треба да се користи само кога е полна.
  • Редовно да се проверуваат филтрите.
  • Треба да се избегнуваат програми за перење на висока температура, бидејќи современите детергенти ја отстрануваат нечистотијата дури и при пониски температури.
  • Најдобро е алиштата да се сушат на воздух.
  • Кога се користи програма за сушење, треба да се избере сушење со голема брзина.

Комбинираните машини за перење и сушење трошат многу повеќе електрична енергија и затоа не се препорачуваат за набавка.

Поврзани објави

Поврзани објави