Проект

Пензионерите се меѓу најранливите групи на граѓани

Успешна реализација на првиот проект за подобрување на енергетската ефикасност на станбена зграда во која е сместено Здружение на пензионери

Здружението на пензионери на Кавадарци е едно од 53 здруженија при Асоцијацијата на пензионери на Македонија, невладина организација со околу 250 илјади членови и со 400 пензионерски клубови и неколку дневни центри. Во Македонија постои голема потреба за сместување на постарите граѓани во пензионерски станови, а моменталната ситуација е многу лоша, и постојат само околу 480 вакви станови за членовите на Асоцијацијата. Со лоши услови за живот, со просечна пензија од 200 евра и минимална пензија од 90 евра, постарите граѓани се сметаат за едни од најранливи групи на граѓани.

Генерално, државните пензионерски домови во земјата не ги исполнуваат стандардите за пристојно домување. Таков беше случајот и со становите коишто ги користи Здружението на пензионерите во Кавадарци поради што Хабитат Македонија во стартот на реализираната проектна идеја беше убедена дека помагајќи во подобрување на станбените услови ќе овозможи и значително подобрување на животниот стандард и на здравјето на постарите граѓани.

Преку стручен инженерски надзор ги согледа супстандардните и нездрави услови за живеење во зградата во која е сместен Домот на пензионерите во Кавадарци и итната потреба од нејзино реновирање и обновување на енергетската ефикасност. Становите беа со многу лоша фасада, со влажни ѕидови, со стари прозорци кои не можеа да ја дадат потребната заштита од атмосферските влијанија. Дневниот центар за пензионерите кој е секојдневно многу посетен го користи и Здружението на пензионери - инвалидизирани лица кое во истата зграда има и своја канцеларија. За проектот „Енергетска ефикасност за Здружението на пензионери во Кавадарци” здружението беше селектирано освен поради евидентната потреба за реновирање на зградата туку и поради големата заинтересираност на неговите членови. Влијаеше и подготвеноста за соработка на Општината и локалната самоуправа, потенцијалот на бизнис секторот како и можностите за развој на пазарот на материјали за енергетска ефикасност.

„Зградата во која сме сместени е изградена во 1969 година и од тогаш не е реновирана. Ние успеавме единствено во клубот на пензионерите да создадеме пристојни услови, а во гориот дел од зградата немавме направено ништо. Потребно и беше реновирање, столаријата беше стара, од секаде дуваше“, рече Ристо Анѓушев, претседател на Здружението на пензионери во Кавадарци. Анѓушев потенцира дека со години наназат пензионерите од социјалните станови се жалеле на лошите услови за живеење особено во зима кога становите тешко ја задржувале топлината. „Бараа да се инвестира во становите, а ние располагаме само со пари од чланарината и не можевме да им помогнеме. Со условите кои се создадоа преку реализираниот проект работите се сменија. Реконструкцијата на зградата ќе го подобри квалитетот на животот, а ќе влијае и на намалување на трошоците за одржување на објектот. Векот на траење на зградата ќе биде продолжен, зиме ќе биде топло, лете ладно, нема да дува. Ќе се троши многу помалку енергија и ќе се заштедат пари.“ – рече тој.

Домот на пензионери во Кавадарци, сместен во зграда во центарот на градот, е реновиран со проект на Хабитат Македонија и Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во периодот од 2017 до 2018 година. Главните придобивки од проектот се:
  • Подобрени услови за социјално домување на пензионерите
  • Интеграција на млади луѓе преку волонтерска работа и едукација
  • Придонес кон намалување на потрошувачката на енергија и зачувување на животната средина.

Покрај тоа што се работи за прв проект спроведен заедно со Здружение на пензионери, ова е воедно и прв проект поддржан од оваа Фондација во Македонија. Со оглед на големата потреба, веруваме дека деловниот сектор и општините ќе го следат овој успешен пример за унапредување на условите за живот на постарите граѓани.


Фотогалерија