ЕЕ во домувањеОбновливи извори за ЕЕ

Заштеда на енергија преку користење на обновливи извори на енергија

Поставувањето на соларни панели, термални пумпи, односно користењето на обновливи извори на енергија во домовите има бројни придобивки за сите чинители во процесот на обезбедување и потрошувачка на енергија:

  • За корисниците – домаќинства или бизниси – се намалуваат месечните трошоци за електрична енергија, се зголемува одржливоста и вредноста на објектот, се намалува зависноста од тоа дали има доволно струја за греење или ладење.
  • За енергетските компании – се намалува притисокот врз енергетската мрежа и потребата од скап увоз на електрична енергија.
  • За националните власти – колку повеќе домаќинства и бизниси сами произведуваат електрична енергија од обновливи извори, толку повеќе грижата за обезбедување на енергија се намалува, се намалуваат давачките за увоз, се стимулира одржливоста и заштитата на животната средина.

Потенцијал за заштеда

Обновливите извори на енергија имаат голем потенцијал да ги намалат сметките за електрична енергија, да ја намалат енергетската сиромаштија, па дури и да придонесат за намалување на нееднаквоста во приходите. Во оваа насока важно е сите да имаат пристап до технологиите за искористување на обновливите извори на енергија и да можат сами да произведуваат барем дел од енергијата и можат да учествуваат на пазарот на електрична енергија.

Инвестирањето во соларни панели на покривите на станбените згради и куќите може да даде значаен придонес за намалување на трошоците, не само за електрична енергија, туку и за топлинска енергија при користење на топлински пумпи или соларни термални пумпи.

Многу ефикасен начин за модернизација на системот за греење и добивање на енергија за зградата е да се користи комбинирана топлинска пумпа поврзана со фотоволтаичен систем и да се интегрира при реновирање на зградата. Ова може да заштеди до 60% од годишните трошоци за греење и топла вода, во споредба со конвенционалната практика за реновирање без промена на системите за греење.

Просументи

Просумент (prosumer) е термин кој означува ентитет кој може да троши и произведува енергија Терминот е кованица на зборовите производител (producer) и консумент (consumer) – потрошувач. Термините просумент и просумзија беа воведени во 1980 година од американскиот футурист Алвин Тофлер, а денес со технолошкиот напредок и порастот на учеството на корисниците во производството се почесто се користи.

Кога станува збор за електричната енергија – тоа се корисници, потрошувачи кои истовремено ја користат и произведуваат енергијата – вообичаено од обновливи извори како сонце, геотермална енергија или ветер.

Вообичаено е просументите да „трошат“ само дел од електричната енергија што ја произведуваат и да го продаваат вишокот енергија на јавната дистрибутивна мрежа. Но, кога нивното производство на енергија опаѓа, тие купуваат и струја од мрежата, што ги прави и производители и потрошувачи.

Финансирање на технологии со обновливи извори на енергија

Иако почетната инвестиција во инсталација на системи за греење, ладење, топла вода кои работат на обновливи извори на енергија е значајна, долгорочните ефекти и релативно брзиот поврат на инвестицијата ги прават атрактивни за домаќинствата.

Кредитните линии и субвенциите за зголемување на енергетската ефикасност во домовите, генерално се однесуваат и на купување и вградување на технологии за користење на обновливи извори. Погледнете повеќе информации во делот Финансирање.

Поврзани објави

Поврзани објави