Со цел да се процени кои мерки за енергетска ефикасност можат да се спроведат, секое домаќинство може лесно да ја провери енергетската ефикасност на сопствениот дом.
Станарите можат да ja прегледаат фасадата на објектот, да се обидат да утврдат дали и каде се јавува загуба на топлина, особено кај таванот и покривот, вратите, прозорците и подземните/подрумските простории.
Поради слабо изолирани прозорци и врати и места на фасадата каде што се инсталирани единици за надворешна климатизација, често се јавуваат значителни температурни загуби.
Може да се провери дали апаратите за домаќинство, како шпорет, фрижидер, машина за перење алишта, машина за миење на садови, термо-акумулациона печка, клима уред итн., се во добра функција, како и дали осветлувањето ги исполнува енергетските стандарди. Односно, треба да се утврди какви светилки се користат – доколку се користат класични кои што произведуваат светлина со помош на зажарено влакно, треба да се променат со штедливи – CFL или LED светилки.
Бојата на ѕидовите и фасадата исто така може да има влијание врз температурата во домот во зависност дали е бела, светла, пастелна, високо тонирана или пак е темна.
Со едноставна споредба со слични домаќинства /по можност со домаќинства што живеат во ново-изградени станбени згради/, станарите можат да проверат дали нивната потрошувачка на електрична енергија или трошоците за греење се разликуваат од другите и да проверат што може да биде причината.