ЕЕ Мерки за секој дом

Енергетски ефикасно загревање на просторот за живеење

За здравјето на човекот најдобра е собна температура помеѓу 18°C и 20°C, со релативна влажност од 40-60%.

Ако собната температура е намалена за само 1°C, може да се заштеди приближно 5% од енергијата на греењето годишно.

Температурата во становите треба да се намали преку ноќ или кога нема никој дома во текот на денот.

Со затворање на вратите помеѓу загреаните и незагреаните простории се спречува кондензација на влага и мувла.

Систем на централно греење

Препораки за одржување на температурата во одредени простории со цел да се задржи термичкиот комфор без непотребно трошење енергија се:

  • Ходник 14-17°C
  • Спална соба 17°C
  • Кујна 17-21°C
  • Работна соба 17-21°C
  • Дневен престој 20-23°C
  • Бања 23°C
  • Со инсталирање на термостатски регулатори на радијаторите, може да се заштеди до 20% од енергијата на греењето;
  • Радијаторите не треба да бидат блокирани од мебел, завеси или слично, бидејќи тоа ја спречува циркулацијата на топол воздух во просторијата;
  • Просторијата ќе биде потопла доколку се постават кратки завеси што не го прикриваат радијаторот;
  • Добро е да се изолираат нишите за радијатори и кутиите за ролетни;
  • Ако изолацијата на зградата не е добра, зад радијаторот може да се постави изолациона плоча за радијатор (на пр. Панели од стирен /стиропор/ обложени со алуминиумска фолија или друг вид на термички и механички стабилни флексибилни изолациски слоеви). Со тоа ќе се минимизира загубата на топлина односно енергија што долгорочно ќе обезбеди значителна заштеда.
  • Пред почетокот на секоја грејна сезона, од радијаторите и целата инсталација мора редовно да се отстранува воздухот што може да влезе во нив во текот на летото додека системот е исклучен.

 

Греење на дрва

Греењето на дрво е најстариот извор на топлинска енергија, а денес е еден од најекономичните и еколошки прифатливи начини за греење. Греењето на дрво е многу чест избор на греење во домовите, па најголемиот дел од домаќинствата што живеат во руралните средини како и значителен дел од семејствата што живеат во градовите во Македонија се греат на дрва.

Предностите на греењето на дрво се бројни:

  • дрвото е еден од најевтините извори на топлинска енергија;
  • еколошки поради 100% обновливост, но само доколку се користи рационално;
  • едноставно е за употреба;
  • обезбедува независност и индивидуалност во планирањето и експлоатацијата;
  • инсталацијата на самиот уред е лесна.

И покрај многуте предности, греењето на дрво не е прифатливо за секое домаќинство.

Печката за греење на дрва бара оџак кој има потреба од редовно одржување, потребно е да се исчисти ложиштето и да се обезбеди доволен пристап до свеж воздух.

Потребен е простор за складирање на дрвата.

Роковите за испорака на купеното дрво за огрев често не се сигурни и гарантирани.

  • Потребно е да се купуваат суви дрва за се обезбеди максимално искористување на енергијата и оптимално согорување со најмала можна концентрација на CO2 во чадот кој се ослободува при горењето.
  • Капацитетот на грејното тело мора да одговара на површината на загреаниот простор. Ако е капацитетот поголем за 50% од потребниот, можно е трошоците за греење да се зголемат за 15%. Преголемите грејни тела трошат повеќе енергија, создаваат поголеми трошоци и повеќе ја загадуваат животната средина.
  • Стручно лице мора да ја провери проодноста на воздухот на оџакот и каминот најмалку еднаш годишно. Доколку има чад во просторијата, постои опасност по здравјето.
  • За да се обезбеди непречено снабдување со воздух околу грејното тело треба да се поместат сите предмети подалеку од истото (особено лесно запаливите предмети).

Греење на електрична енергија

Греењето со електрична енергија овозможува голем комфор. Нема чистење на печките, нема ложење, не се потребни посебни простории за складирање на енергенсот. Затоплувањето на електрична енергија е „чисто“, нема чад, нема мирис, не се ослободуваат никакви продукти при претворањето на електричната енергија во топлина. Освен тоа, топлинската енергија добиена од електрична струја, многу лесно се контролира и нагодува на саканата вредност, а голем дел на електрични греалки се лесно преносливи, па и тоа може понекогаш да претставува еден вид предност.

Најчести избори за греење на електрична енергија се термо печките, греалките и клима уредите со вграден инвертер.

Термо акумулациона /ТА/печка

За време на грејната сезона, ТА печка кога се користи рационално троши околу 60% од вкупната електрична енергија на едно домаќинство.

Треба да се набави и да се користи ТА печка со димензија и моќност која е соодветна за големината на просторијата која се загрева – податоците ги има во техничкото упатство на апаратот.

Термо печката ја одржува температурата во станот.

За да се намалат трошоците за греење, температурата на термостатот треба да биде поставена на 18°С.

Полнењето на ТА печка е најрационално ноќе, кога струјата е евтина.

Предноста на термо печките во однос на климата е што со едно полнење ја одржуваат топлината во станот подолго.

 

Панелна греалка

Панелните греалки ги загреваат просториите со единствена комбинација на топлински зраци и конвекција. Конвекцијата се создава на тој начин што воздухот влегува од долната страна на греалката, се загрева и така загреан излегува од горната страна. Греалката нема вентилатори за форсирано дување така што воздухот се загрева со природна конвекција. Предната страна на греалката има дифузен слој со што максимално се искористува ефектот на топлински зраци. Панелните ѕидни греалки се поевтини од системите изведени со таванско или подно греење.

За инсталација на овој систем потребно е просторијата да има одреден слободен простор на ѕидовите за монтажа на греалките.

Според ефектот на загревање и инсталираната моќност, панелните ѕидни греалки се оптимално и економично решение доколку мора да биде греењето на струја.

Негативна страна на овој начин на греење е тоа што не постои можност за калкулирање со евтината тарифа на струјата.

Клима уред со вграден инвертер

Греењето со помош на електрична енергија, е поекономично преку климатизерите отколку преку други електрични грејни тела.

Предноста на греењето со клима уред – инвертер, е таа што климатизерот дава многу повеќе топлина отколку што троши енергија, односно се многу енергетски ефикасни.

Инвертер технологијата е напредна технологија, која ја контролира работата на компресорот, а со тоа заштедува електрична енергија. Класичните греалки имаат електрична спирала која се загрева со помош на електрична енергија и трошат онолку електрична енергија колку што даваат топлинска енергија со мали незначителни загуби. На пример ако греалка со моќност од 1kW се користи еден час таа ќе потроши 1kW електрична енергија. Со оглед на тоа што клима уредот нема класична електрична спирала, туку моќноста на компресорот со кој се компримира фреонот и се претвора во топлинска енергија во размер околу 1:3,5 во зависност од енергетската ефикасност и квалитетот на клима уредот. Тоа значи дека клима уредот кој троши 1kW електрична енергија дава 3,5kW топлинска енергија. Од оваа произлегува дека клима уредот во однос на класичната греалка е поефикасен за 250%, односно кога клима уредот создава 1kW топлинска енергија троши околу 285W електрична енергија. Поради сето погоре кажано клима уредот е поефикасен и поповолен за греење дури и од термо-акумулационата печка која се полни ноќе на евтина струја!

Предности на греењето со клима уред:

  • Мала потрошувачка на електрична енергија,
  • Брзо загревање на просторот,
  • Едноставна контрола и управување,
  • Рамномерно загревање на цела просторија.

Недостатоци на греењето со клима уред:

  • Висока почетна инвестиција,
  • Потребно годишно одржување – сервис.

 

Енергетски ефикасно ладење на просторот за живеење

  • Во летниот период, преку ден е препорачливо ролетните да бидат спуштени.
  • Просториите е препорачливо да се ветрејат во раните утрински или доцните вечерни часови. Со тоа ќе се обезбеди чист и здрав воздух, но и ќе се одбегне ризикот од непотребно дополнително загревање на собите и предметите во нив.
  • Прозорците треба да се отвараат за свеж воздух, кога надвор е постудено отколку дома.
  • Доколку температурите не се екстремни, вентилаторите можат ефикасно и задоволително да ја намалат температурата со скромна потрошувачка на електрична енергија во споредба со клима уредите.

Клима уреди

При купување треба да се одбере климатизер од класата “А“ или повисока енергетска класа.

Надворешната единица треба да се постави на место каде што е ќе биде заштитена од директна сончева светлина. Системот е поефикасен кога надворешната единица е поставена на поладно место.

  • Прозорците во просторијата што се лади мора да бидат затворени.
  • Климатизерите треба да се исклучат кога се ветрее просторијата, преку ноќ или кога нема никој дома.
  • Доколку е вклучен климатизерот, неопходно е да се исклучат сите непотребни извори на топлина (осветлување или некои апарати за домаќинство).

Не се препорачува да се лади просторијата до премногу ниски температури. Во таков случај значително се намалува влажноста на воздухот што може да влијае штетно врз здравјето. Температурната разлика помеѓу надворешната и внатрешната температура од здравствени причини не треба да биде поголема од 7–10°С. Не е потребно да се ладат просториите на температура помала од 25 степени Целзиусови. Покрај тоа што не е добро за здравјето, тоа создава и непотребни трошоци.Редовно треба да се одржуваат филтрите за прочистување и надворешната единица на единицата за ладење.

Поврзани објави

Поврзани објави